Програмата за обука „Монтер и инсталатер на сончеви панели“, овозможува оспособување за монтирање и инсталирање на соларни системи и колектори. Програмата е дизајнирана да се реализира со 280 часа обука и опфаќа стручно-теоретски содржини кои се во функција на практичната обука која пак се реализира преку вежби и изработка на проектни задачи на терен. Во програмата се обработени 5 (пет) тематски целини: основи на електротехника и електротехнички материјали, соларни системи и колектори, технологија на работа и заштита при работа, монтажа и инсталирање на соларни топловодни системи, и избор и монтажа на фотонапонски системи, при што реализацијата на сите тематски целини ќе се одвива во училница/кабинет и на терен со материјали и опрема неопходни за успешна реализација на програмата.
По завршување на програмата се врши проверка на знаењата и оспособеноста на учесниците за работа со сончеви панели при што учесниците по успешно завршената проверка на стекнатите знаења се здобиваат со Сертификат по верифицирана програма од ЈУ центарот за образование на возрасните.