Главната цел на програмата е организирано образование, едукација, усовршување и оспособување на учесниците во програмата за самостојно, правилно и благовремено одлучување, постапување и квалитетно изведување на работните задачи, ракување со машини за копање и товарање на земја и работа со кранска дигалка.
По завршувањето на програмата учесникот стекнува знаења, вештини и компетенции и ќе биде оспособен да ја планира, подготвува, организира и извршува својата сопствена работа, ја познава организационата структура на службата на градежната механизација на локацијата или градилиштето, ја анализира моменталната состојба на теренот, соодветната локација или градилиште и определува начин на експлоатација на градежната механизација, ги подготвува и врши проверка на исправноста на машините, опремата и алатите за работа, изведува градежни работи со различни технолошки и изведбени постапки според проектот, инструкциите и упатствата за работа со машините, ракува и управува со машините на теренот, како што се: багери, лажичари, багери-дреглајни, товарачи и крански дигалки, ги прегледува и ги подготвува машините и уредите за работа (кочниците, нивото на масло, вода и гориво, исправноста на хидрауликата, осветлувањето, звучна и светлосна сигнализација и противпожарните средства), ги дијагностицира дефектите, ги познава постапките за евидентирање и документирање, ги евидентира податоците потребни за машините и опремата, евидентира прегледи на машините и уредите, ја одржува механизацијата во исправна состојба, се придржува на упатствата за сервисирање и ги спазува термините според упатството, комуницира со странките на професионално ниво, комуницира со колегите кои работат со останатите машини во заедничката група, се грижи за постигнување на стандардите и квалитетот на работите, знае постапки за укажување на прва помош и применува прописи за заштита, безбедност и здравје при работа како и заштита на работната и животната средина.
Програмата се реализира преку повеќе активности:
- Спроведувањето на теоретската настава е во училница со современи наставни помагала и таа содржи општ и посебен дел со кој учесниците во програмата се здобиваат со потребните знаења предвидени во содржината на модуларните единици кои се составен дел од програмата.
- Практичната настава се спроведува преку демонстрирање на употребата на градежната механизација на обезбедени локации и градилишта, обуки за запознавање, управување, ракување и одржување на градежната механизација, машини и крански дигалки.
- Тестирањата на добиените знаења и вештини на учесниците во програмата се преку одржување на испит. Испитот исто така се состои од теоретски и практичен дел.
- Теоретскиот дел од испитот се состои од проверка на знаењето од модуларни единици кои се составен дел од општиот и посебниот дел на програмата за обука.
- Практичниот дел од испитот подразбира теренска проверка на стекнатите знаења од ракување со градежната механизација за копање и товарање на земја и ракување со кранска дигалка на соодветна локација, градилиште.
По успешно завршување на теоретска и практична настава, обуките и тестирањата, на учесниците ќе им се издаде сертификат за Ракувач со машини за копање и товарање на земја и кранска дигалка.
Верификацијата истекува во ноември 23, 2026