Главна цел на програмата е учесниците да се стекнат со знаења и вештини, односно компетенции за монтирање, инсталирање и опслужување на фотоволтаични системи за електрична енергија.
Пазарот на труд бара кадри кои ќе работат на фотоволтаични системи од причина што недостатокот на енергија продуцирана од конвенционални извори кој е присутен во целиот свет, не ја заобиколува и нашата земја. Трендот во последните години е наоѓање алтернативни можности за производство на енергија, а една од тие алтернативи е искористувањето на сончевата енергија. Оспособувањето на вакви кадри ќе овозможи пополнување на недостатокот со обучени човечки ресурси за монтирање, инсталирање и опслужување на фотоволтаични системи за електрична енергија, како и оспособување на работна сила која ќе може да развива сопствен бизнис во ова подрачје. Програмата „Монтер, инсталатер и опслужувач на фотоволтаични системи за електрична енергија“ се состои од пет модули. Модулот 1. – Основи на електротехника, електротехнички материјали и електрични мерења третира стекнување базични знаења и вештини од технички аспект за законитостите во електротехниката, електротехничките материјали како и електричните мерења кои се потребни да бидат применувани за работа на фотоволтаични системи за електрична енергија. Модулот 2. – Основи на фотоволтаици и фотоволтаични системи за електрична енергија, третира стекнување основни знаења за видовите и технологијата за производство на различните видови фотоволтаици и фотоволтаични системи за производство на електрична енергија. Модулот 3. – Монтирање и инсталирање фотоволтаични системи за електрична енергија, третира стекнување знаења и вештини од процесен аспект за организација, монтажа и инсталација на вакви системи. Модулот 4. – Пуштање во работа и одржување фотоволтаични системи за електрична енергија третира стекнување знаења и вештини од технички аспект за соодветно однесување према ваков систем при неговото користење. Модулот 5. – Безбедност и заштита при работа и мерки за заштита на животната средина при работа на фотоволтаични системи за електрична енергија третира стекнување знаења и вештини од постигнување висок степен на безбедност и заштита при работа со овие системи како и мерките за заштита на животната средина. Модулот 6. – Администрирање на работна и комерцијална документација при работа на фотоволтаични системи за електрична енергија третира стекнување на знаења и вештини од аспект на потребно администрирање и соодветно комуницирање при работа на вакви системи и претставува додадена вредност на Програмата во однос на оспособување на учесниците за самостојно водење на бизнис. Времетраење на програмата е 200 часа при што 62 часа се програмирани за реализација на теоретската настава, а 138 часа за реализација на практичната настава. Изведбата на истата ќе биде во простории и објекти со услови соодветни за реализација на ваква програма. Оценувањето и вреднувањето на постигнатоста на резултатите од учењето на учесниците ќе се врши врз основа на критериумите за оценување, и тоа, формативно во текот на реализацијата и сумативно на крајот од секој модул. По реализација на програмата учесниците се стекнуваат со сертификат „Монтер, инсталатер и опслужувач на фотоволтаични системи за електрична енергија“. |
Верификацијата истекува во мај 7, 2027