Програмата за лична асистенција на лица со попреченост има за цел да придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Личната асистенција на лица со попреченост е услуга од социјална заштита со која се обезбедува индивидуална помош и поддршка за лица од 6 до 65 годишна возраст, со намален функционален капацитет, со цел да се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, како и вршење секојдневни активности, согласно нивните индивидуални потреби. Личната асистенцијата треба да биде прилагодена на личните и поединечни потреби на корисникот, кој одлучува кои активности ќе ги делегира и на кого, така што ќе му овозможи да живеe во помалку ограничена околина, односно му овозможува слобода на избор и независно раководење на личниот живот со цел да ја компензираат својата попреченост, делегирајќи ги своите задачи на други лица. Оваа програма опфаќа стручно-теоретски содржини во времетраење од 92 часа кои се реализираат во училница/кабинет и се во функција на практичната настава која пак е со времетраење од 108 часа и се изведува во домови и/или институции за сместување на лица со посебни потреби, специјализирани институции и/или во институции со организиран дневен престој.
Самата програма е составена од 4 области/ модули:
1. Видови на попреченост 2. Помош во домот на корисникот 3.Помош надвор од домот на корисникот 4. Комуникација и психосоцијална поддршка на лица со попреченост
Учесникот во програмата ќе се оспособи да ја планира, подготвува и организира сопствената работа и/или под надзор на стручно лице во институции/установи. Задачите ќе ги изведува во согласност со етичките норми и методи за комуникација со лица со посебни потреби, со примена на основните знаења и вештини за базична нега. Учесникот ќе научи да овозможува психолошка и социјална поддршка, поддршка во секојдневните активности и да дава помош и нега во домашни услови, да користи одредени методи и техники за спроведување на лична хигиена и исхрана, да применува техники за менување на постелина и облека, да асистира при физиолошка потреба, да работи во тим, да комуницира и да е проактивен во обезбедувањето на услугата, да одржува хигиена и уредност на околината, да спречува инфекции, да се грижи за квалитетот на извршената работа, да се грижи за безбедноста и здравјето при работа и како да ја заштитува околината.
По успешно завршување на програмата и со положен завршен испит кандидатот се стекнува со сертификат – „Личен асистент на лица со попреченост“. |
Верификацијата истекува во мај 15, 2027