Програмата за обука на сметководител овозможува стекнување на професионални квалификации, знаење и вештини кои се утврдени во тематски целини и опфаќаат теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел содржи тематски целини со кои учесникот на обуката се стекнува со потребните теоретски знаења предвидени во содржината на самите целини. Со практичниот дел од програмата се реализира практично учење заради стекнување со практични знаења. Основна цел на Програмата е усовршување, доквалификација или преквалификација на лица за вршење сметководствени услуги за задоволување на потребите на пазарот на трудот согласно идентификуваниот дефицит и потребата од од страна на бизнис заедницата за истите.
Програмата за сметководител е наменета за лица кои сакаат или имаат потреба од стекнување на познавања од сметководственото работење, што ќе им овозможи проширување на постоечки знаења и вештини или учење на нови, а заради полесно вклучување на пазарот на трудот. Програмата нуди тематски целини од сметководството како што се: Применува и следи важечка законска регулатива и сметководствени политики и правила, Врши почетна сметководствена евиденција, Ликвидира влезни и излезни документи, Изработува сметководствана документација. Изготвува, зачувува и испорачува интерна и излезна документација. Пополнува соодветни финансиски инструменти, проверува точност, води соодветни книги и соодветно ја чува документацијата, Врши пресметковни и готовински работи и тоа пресметува плата, врши пресметка и исплата на даноци, уплати и исплати, Евидентира сметководствени настани врз основа на документи во деловни книги, Учествува во изработка на финансиски извештаи, годишна сметка и финансиски планови.
Времетраење на програмата е вкупно 3 (три) месеци и тоа за теорија 88 часа, за пракса 110 часа и за оценување 22 часа.
Теоретскиот дел од обуката ќе се реализира во опремена просторија, а практичниот дел ќе се реализира во опремена просторија или сметководствено биро.
Теоретскиот дел ќе се спроведува преку работни алатки и материјали и ќе бидат предавани тематските целини наведени во структурата на оваа Програма. Во рамки на овој дел учесниците ќе се служат со информатичко-компјутерска технологија, односно тематските целини ќе бидат предавани преку работни писмени материјали и обрасци, со фокус на учење преку информатичко-компјутерска технологија. Ќе биде користена и табла за пишување, презентации итн.
Во рамки на практичниот дел учесниците континуирано ќе се служат со информатичко-компјутерска технологија, преку која на реален начин ќе учат за сметководствените активности и услуги. Во овој дел учесниците под менторство на сметководител ќе имаат директен преглед за водење на сметководствена евиденција, извештаи, пресметки и останати активности.
По завршување на обуката се спроведува тестирање на знаење и тоа писмен тест за стекнато теоретско знаење и задача за проверка на практично знаење. Во теоретската проверка ќе се цени знаењето од тематските целини како содржина на обуката. Практичната проверка подразбира симулација на вршење сметководствена активност при што кандидатот практично го покажува практичното знаење кое го стекнал на обуката.
По проверка на тестирањето, врз основа на остварените резултати на учесниците им се доделува Сертификат со назив Сметководител.