Посебната програма за образование на возрасните е наменета за лица постари од 18 години со завршено средно образование. Преку програмата учесниците ќе стекнат знаења, вештини и компетенции неопходни за извршување на занимањето „шпедитер“ од секторот сообраќај, трнспорт и складирање. Шпедитерот своите активности и работни задачи ги извршува во шпедитерска компанија, тој претставува специјален организатор на отпремата и допремата на материјалните добра во свое име а за сметка на коминтетот (клиентот) како и други работи поврзани со транспортот. Шпедитерот ги врши сите работи поврзани со превозот и следењето на пратките, но се јавува и како координатор на сите учесници во превозот.
Посебната програма за образование на возрасните – шпедитер, нуди можност за стекнување на компетенции за самостојно и тимско извршување на работните задачи поврзани со: организација на транспорт, складирање и царински формалности, планирање и организирање на работата самостојно и во тим, собирање и обработување на документацијата за прием, царинење и транспортирање на стоката, извршување стручно оперативни работи во
шпедицијата, изготвување предкалкулација и советување на клиентите, следење на извршувањето на царинските формалности при увоз, извоз, транзити при сместувањето на стоката под царински надзор во царинското складиште, организирање на транспортот на стоката, комуникација со вработените, клиентите, транспортерите, царинските органи, и останатите инспекциски служби и применува стандарди во своето работење.
Програмата се состои од 440 часови од кои 110 за стекнување на теоретски знаења и 330 за стекнување на практични вештини. Од вкупниот број часови 10 ќе бидат наменети за оценување на учесниците кои ќе се реализираат во текот на програмата.
Теоретската и практичната настава ќе се реализираат во училница соодветно опремена со наставни средства и помагала.
Оценувањето на добиените знаења и вештини ќе се врши преку испит, кој ќе се спроведе по завршување на програмата а ќе се состои од теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел од испитот се состои од тест. Практичниот дел подразбира практична проверка на стекнатите знаења.
Програмата ја реализира тим од искусни предавачи од областа на сообраќајот или економијата или правото и квалификувани шпедитери со најмалку 5 годишно работно искуство.
По успешно завршување на програмата, на учесниците ќе им се додели сертификат за Шпедитер.
Верификацијата истекува во април 30, 2027