Програмата Козметичар за нега на лице и тело е наменета за обука на возрасни за стекнување на знаења и вештини за самостојно извршување на работни задачи од областа на козметика.
Содржината на програмата се темели врз стандардите на занимање за Козметички техничар и за Шминкер.
Реализацијата на програмата е преку теоретски часови, практична обука и проверка на знаењата и вештините на учесниците. Теоретскиот дел се реализира во соодветно опремена училница/кабинет, а практичната обука се реализира во козметички салон опремен според барањата на стандардите за вршење на дејноста.
Оценување и вреднување на постигањата на секој учесник во програмата ќе се изведува тековно и на завршен испит. Учесникот кој со успех ќе го положи завршниот испит ќе се здобие со сертификат за Козметичар за нега на лице и тело и ќе биде оспособен да го организира просторот и работата во козметички салон,подготвува работно место,создава услови за работа, прима и подготвува клиент, изведува класични и комбинирани третмани на кожа, третира проблематична кожа, применува апаратурна и препаративна козметика, депилира, изведува шминкање и користи јапонска техника на шминкање на веѓи.
Учесникот во програмата ќе биде оспособен да комуницира со клиентот и со тимот користејќи култура на говор и етика во работењето, да применува санитарно технички норми за заштита на животната и работната средина и ќе го поттикне да покаже интерес за постојан напредок во професијата.
Програмата Козметичар за нега на лице и тело нуди можност за напредување на учесникот во други обуки или повисоки нивои на квалификации од областа на козметика.
Времетраењето на програмата е 230 часа , од кои : теоретски дел 80 часа , практичен дел 150 часа. Термините во кои ќе се реализира програмата се договараат со учесниците.
Верификацијата истекува во декември 14, 2025