Програмата Фризер за жени има за цел обука на возрасни лица за стекнување на знаења и вештини и компетенции за изведување на работни задачи од областа на фризерството како занаетчиска дејност.
Основа за изработка на програмата е стандард на занимање Фризер.
Реализацијата на програмата е преку теоретски часови, практична обука и проверка на знаењата и вештините на учесниците. Теоретскиот дел се реализира во соодветно опремена училница/кабинет, а практичната обука се реализира во фризерски салон опремен според барањата на стандардите за вршење на занаетчиската дејноста.
Оценување и вреднување на постигањата на секој учесник во програмата ќе се изведува тековно и на завршен испит.
Учесникот кој со успех ќе го положи завршниот испит ќе се здобие со сертификат за работна оспособеност “Фризер за жени”.
Учесникот ќе биде оспособен самостојно да ги врши професионалните задачи и да ги применува прописите за водење на фрзиерската дејност како и да ги почитува правилата за безбедност и заштита на работната и на животната средина. Ќе биде оспособен деловно да комуницира со клиенти и други соработници и да ги почитува работната етика и морал. Учесникот ќе биде оспособен самостојно да го организира работниот простор и сопствената работа, да подготвува клиенти за фризерски третмани, да дава совети на клиенти при изборот на третман и изведување на фризерските постапки.
Ќе биде способен да изведува техники на миење, нега и обликување на коса со примена на различни производи, да потстрижува коса, да изведува техники на боење и белење на коса, да применува перикерски производи при надградба на коса и да изработува фризури според намена.
Учесникот ќе биде способен да води евиденција и да подготвува пресметки за работата, да ги познава правата од работен однос и можностите за водење на сопствен бизнис за напредување во професијата.
Програмата Фризер за жени нуди можност за напредување на учесникот во други обуки или повисоки нивои на квалификации од областа на фризерството.
Времетраењето на програмата е 250 часа од кои 67 часа се стручна теорија, а 183 часа се практична обука во реални работни услови. Термините во кои ќе се реализира програмата се договараат со учесниците.
Верификацијата истекува во септември 2, 2027