Денес во просториите на Министерство за образование и наука свечено беа доделени сертификатите на првата генерација советници и проценувачи за валидација на неформално образование и информално (искуствено) учење.
Свеченото доделување го изврши министерката за образование и наука.
Со обуката реализирана од Центар за образование на возрасните, со институционална поддршка на Министерство за образование и наука, официјално го означуваме почетокот на процесот на валидација – за прв пат во Македонија.
Овој чекор претставува значаен исчекор кон современ и инклузивен систем на образование на возрасните, кој овозможува формално признавање на знаењата, вештините и компетенциите стекнати преку работа и животно искуство.
Советниците и проценувачите од Регионалните центари за стручно образование и обука ќе имаат клучна улога во обезбедување професионална, објективна и квалитетна имплементација на процесот.
Како институција, горди сме што го поставуваме темелот на систем што ќе отвори нови можности за многу граѓани и ќе придонесе кон развој на човечкиот капитал во државата.