Една од клучните цели на проектот „Имплементација на Европската Агенда за учење на возрасните во Северна Македонија“ е промовирање на европската димензија на образованието за возрасни и овозможување на пренос на знаење и искуство.

На 24 јуни 2025 година, Центарот за образование на возрасните ја организираше конференцијата „Пакт за Вештини: Сојуз за компетенции на иднината“ со цел да го промовира Пактот за вештини како една од водечките иницијативи на Европската Унија. Конференцијата служеше како платформа за запознавање на националните клучни актери, чинители и социјални партнери – како што се понудувачи на образование за возрасни, Регионалните центри за стручно образование и обука, владини институции, комори, како и приватни организации и компании вклучени во активности за преквалификација и доквалификација – со алатките и ресурсите достапни преку оваа иницијатива на ЕУ.

Мајa Аврамовска, експерт за развој на вештини од ЕУ, одржа детална презентација за Пактот за Вештини, во која понуди сеопфатни информации за иницијативата, вклучувајќи ги нејзините цели, ресурси, програми и очекувани резултати.

Конференцијата го привлече вниманието на учесниците и преку интересна и динамична панел-дискусија, модерирана од Мајa Аврамовска, со две гостинки: Наташа Јаневска од Стопанската комора на Северна Македонија и Маја Колекеска од приватниот понудувач на образование за возрасни Ц.Е.С. Академија. Дискусијата имаше за цел да ја прикаже моменталната состојба на побарувачката и понудата на вештини на пазарот на труд, предизвиците поврзани со недостигот од квалификувана работна сила, како и искуствата на Ц.Е.С. Академија од учеството во Пактот за вештини.

Конференцијата вклучи и работа во групи, во рамките на која учесниците дискутираа околу прашања поврзани со четирите клучни принципи на Пактот и развиваа идеи за создавање синергии за активно учество на националните релевантни актери во Пактот за вештини.

Оваа конференција претставуваше одлична можност за подигнување на свеста на националните актери од областа на образованието за возрасни, трудот и вработувањето за Пактот за вештини како иницијатива, размена на идеи и креирање решенија за заедничко делување.

Финансирано од Европската унија. Ставовите и мислењата се одраз исклучиво на авторот а не и на Европската унија и на EACEA. Европската унија и EACEA не сносат одговорност за нив.