Јакнење на капацитетите на Регионалните Центри за стручно образование и обука за нивните надлежности во образованието на возрасни
Eдна од мерките предвидени во проектот „Имплементација на Европската агенда за учење на возрасните во Северна Македонија“, кој го реализира Центарот за образование на возрасните, како национален координатор за имплементација на Европската агенда за образование на возрасните, е и јакнење на капацитетите на Регионалните Центри за стручно образование и обука. Имајќи предвид дека овие новоформирани установи, имаат надлежности во делот на образованието на возрасните, се реализираа средби за информирање и стручна размена со кадарот кој е вклучен во процесите за образование на возрасните и валидација на неформално и информално учење.
За таа цел, претставници на ЈУ Центар за образование на возрасните во периодот ноември 2024 – мај 2025 година, остварија посети и реализираа состаноци со претставници на Регионалните Центри за стручно образование и обука во Куманово, Велес, Тетово, Охрид и Струмица. Во рамките на овие средби, беа детално претставени надлежностите и улогата на ЈУ Центар за образование на возрасните, а особен акцент беше ставен на улогата, надлежностите и одговорностите на Регионалните Центри за стручно образование и обука во два сегменти од на образованието на возрасните – Верификацијата на посебни програми за неформално образование на возрасни и Валидацијата на неформално образование и искуствено (информално) учење.
Присутните беа запознаени со процесот на Верификација на посебни програми за образование на возрасните и потребните критериуми што треба да ги исполнуваат установите и институциите за образование на возрасните за да верификуваат посебни програми за образование на возрасните. Особено внимание беше посветено на постапката како да се стане понудувач на услуги за образование на возрасните: Презентирани беа чекорите и потребната документација за добивање статус на понудувач на услуги во образованието на возрасни.
Составен дел од тематскиот опфат на средбите беше и Валидацијата на неформално образование и искуствено (информално) учење. Во рамките на дискусијата на оваа тема, беа нагласени правата и обврските на РЦСОО во процесот, фазите на негово спроведување, кадровската поставеност, условите за негово започнување како и осигурувањето на квалитетот.
Овие средби овозможија конструктивна размена на информации, стручна дискусија и беа исклучителна можност за вмрежување. Може да се заклучи дека дојде до израз потребата од ваков вид на комуникација и размена со Регионалните центри бидејќи има потреба од информирање, размена на информации, соработка и координација. Присутните имаа можност да ги споделат своите ставови, предизвици и размислувања, при што изразија високо ниво на интерес за понатамошна соработка.
Главен заклучок кој произлезе од оваа мерка е дека РЦСОО имаат клучна улога во развојот на вештини и компетенции кај возрасната популација и е потребно дополнително јакнење на нивните капацитети преку обуки, ресурси и поефективна координација. Истакната беше важноста од постојана институционална поддршка од страна на ЦОВ, како и потребата од јасна стратегија за обезбедување квалитет во сите фази на процесите поврзани со Верификација на посебни програми за образование на возрасни и Валидација на неформалното образование и искуственото (информално) учење.
Финансирано од Европската унија. Ставовите и мислењата се одраз исклучиво на авторот а не и на Европската унија и на EACEA. Европската унија и EACEA не сносат одговорност за нив.