Една од централните активности во рамките на проектотИмплементација на Европската агенда за учење на возрасните во Северна Македонија“, кој го реализира Центарот за образование на возрасните, како национален координатор за имплементација на Европската агенда за образование на возрасните, е изработката на нова Стратегија за образование на возрасните 2025 – 2030.

На 10.04.2025, во Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност, пред голем број учесници – претставници на различни институции и организации активни на полето на образованието на возрасните, беше претставена финалната верзија на овој важен стратешки документ.

Настанот со свое обраќање го отвори проф. д-р Весна Јаневска, Министер за образование и наука, а свои излагања имаа и г-н Садудин Садики, в.д. Директор на ЈУ Центар за образование на возрасните и проф. д-р Кирил Барбареев, Претседател на Советот за образование на возрасни. Во ваа прилика, г-н Константин Христовски, како проектен координатор, накусо им го претстави на присутните проектот во чиишто рамки беше изработена Стратегијата.

Во фокусот на овој настан беше онлјан вклучувањето на г-ѓа Ани Картунен, ЕУ-експертка од Финска, која одржа детална презентација на Стратегијата, осврнувајќи се притоа на процесот на соработка со релевантните чинители на национално ниво, на главните наоди, цели и индикатори на овој важен документ.

Главните цели од акцискиот план кој проилезе од Стратегијатс се:

– Зголемување на учеството и вклучувањето на возрасните во доживотно учење

– Отворање на пристапот до образование преку географски и дигитални решенија

– Јакнење на обуките за вработливост и претприемачко учење

– Развивање на сеопфатна рамка за Валидација на неформалното образование и информалното (искуствено) учење

– Зголемување на финансиската поддршка на образованието на возрасните

– Поттикнување иновации и дигитална трансформација

– Професионален развој на вработените во образование на возрасни

– Јакнење на мониторингот

– Продлабочување на меѓународната соработка

Новата Стратегија за образование на возрасните 2025 – 2030 ќе даде придонес кон среднорочно стратешко дефинирање на политиките, со цел зголемување на учеството на возрасни во образование на возрасни и доживотно учење преку унапредување на условите и создавање средина за учење, во склад со сеопфатните национални приоритети во образованието, како и со европските трендови.