Една од централните активности во рамките на проектот „Имплементација на Европската агенда за учење на возрасните во Северна Македонија“, кој го реализира Центарот за образование на возрасните, како национален координатор за имплементација на Европската агенда за образование на возрасните, е изработката на нова Стратегија за образование на возрасните 2025 – 2030.
Оваа мерка има за цел да му даде поддршка на Советот за образование на возрасни како тело надлежно за стратешко планирање, со што овој централен документ ќе даде придонес кон среднорочно стратешко дефинирање на политиките, со цел зголемување на учеството на возрасни во образование на возрасни и доживотно учење преку унапредување на рамковните услови и создавање овозможувачка средина за учење, во склад со сеопфатните националните приоритети во образованието, како и со европските трендови.
Во текот на месец септември, започна процесот на консултации со релевантни чинители. Во првата фаза, беа сумирани повратни информации од согледувањата од поширок круг на различни профили на институции и организации, по однос на клучните предизвици и приоритетните точки кои треба да ги опфати Стратегијата.
Во периодот 23.-27.09.2024, ЕУ-експертката Ани Картунен, оствари прва посета на Северна Македонија, во чиишто рамки оствари билатерални и мултилатерални консултативни средби.
На 24-ти и 25-ти септември 2024, беа организирани две работилници, во чиишто рамки преку продлабочени консултации со Советот за образование на возрасни и со работна група составена од претставници на релевантни чинители во образованието на возрасните, беа дефинирани структурата, целите, визијата и мисијата на новата Стратегија.
Процесот на консултации ќе трае до крајот на годинава за кога се планира да биде изготвен првиот нацрт од стратешкиот документ, со намера да се финализира во првото полугодие од следната година.