Главна цел на програмата е учесникот да стекне знаења за термотехнички основи, пренос на топлина, термоизолациони материјали. Елементарни пресметки на коефициенти на премин на топлина на хомогени и нехомогени површини и пресметка на потребна топлина за греење. Запознавање со опрема и уреди за централно греење (котли, загревни уреди и цевна мрежа). Монтирање на централно, електрично и гасно греење, потоа испитување на целиот систем на греење, како и рутински проверки и поправки на системот за греење. Запознавање со основните поими за природна и принудна вентилација и ладилни флуиди. Монтирање на елементите и уредите за климатизација, како и употреба и ракување со системот за климатизација. Изработка и монтирање на уреди и елементи за подготовка на воздух и проветрување, поставување на канали, филтри, вентилатори и звучна изолација и сервис на системи за вентилација.
Времетраењето на програмата е 250 часа од кои 50 часа теоретска обука, 175 часа се практична обука во реални работни услови и 25 часа се наменети за оценување. Теоретскиот дел од програмата ќе се изведува неколку пати неделно во договор со учесниците, а практичниот дел ќе се изведува од понеделник до сабота кај работодавач. Теоретската обука се одвива во специјализирани простории во училиштето и неа ја изведува наставник и гости-предавачи, специјалисти во област од интерес на програмата, а практичната обука се спроведува во компанија за време на која на учесниците ќе им биде доделен ментор вработен во компанијата.
Вреднувањето на постигнувањата на учесниците се спроведува по завршувањето на теоретскиот дел преку проверка на знаење со цел споредба на знаењето пред и после теоретската обука, а по завршувањето на практичната обука следи и завршен испит преку кој ќе се проверат стекнатите вештини и компетенции. По успешно завршување на прогамата учесниците се стекнуваат со сертификат „ Инсталатер за греење, климатизација и вентилација со вештини за енергетска ефикасност на објекти “.
Верификацијата истекува во мај 27, 2025