Јавната Установа Центар за образование на возрасните започна со низа обуки на обучувачи на возрасни
Една од мерките предвидени во проектот „Имплементација на Европската агенда за учење на возрасните во Северна Македонија“, кој го реализира Центарот за образование на возрасните, како национален координатор за имплементација на Европската агенда за образование на возрасните, е организација и спроведување на обука на обучувачи на возрасни.
Оваа мерка има за цел да ги зајакне капацитетите на наставниот кадар за теоретска и практична настава на институциите и установите – понудувачи на посебни програми за образование на возрасни, преку која учесниците ќе се стекнат со компетенции за планирање и изведување на наставата во согласност со андрагошките принципи.
Мерката се состои од реализација на 5 вакви обуки на ниво на држава – од кои 2 во Скопје и три регионални – во Штип, Тетово и Битола со кои ќе бидат опфатени вкупно 75 обучувачи кои реализираат образовна работа според верификувани програми.
Во периодот 22.-23.11.2024, во Скопје беше спроведена првата од планираните пет обуки, на која активно учество зедоа 15 претставници на верификувани понудувачи. Обуката ја следеа со особен интерес и ја оценија како многу релевантна и корисна за нивната понатамошна работа.