На 25 октомври (среда) со почеток во 11 часот, по трет пат ќе се одржи конференцијата „Градиме мостови во образованието на возрасни“ во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје. Настанот е стручна конференција која се организира со цел да се состанат експертите кои работат во полето на образованието на возрасни во регионот на Југоисточна Европа.
На форумот ќе се соберат 120 експерти од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Србија, Словенија и Црна Гора со цел размена на мислења, искуства и добри практики како и креирање заеднички пристап во решавањето на предизвиците и актуелните проблеми во полето на образованието на возрасните.
Во Република Македонија, согласно статистиките, само 3% од возрасното население (над возраст од 15 години) се вклучува во програми за образование. Процентите во земјите од ЕУ, се далеку повисоки.
Преку неформалното образование на возрасни, секој поединец може да се доусовршува, пре- и доквалификува и со тоа да ја зголемува својата конкурентност на пазарот на труд. Од друга страна пак, на пазарот на труд му е неопходна брза продукција на квалификуван кадар во согласност со тековните потреби. Образованието на возрасни во тој контекст е одлична алатка за градење на капацитетите на невработените и за нивно оспособување за влез на пазарот на труд и борба против невработеноста.
Домаќин на конференцијата ќе биде невладината организација „Центар за доживотно учење“ од Скопје во партнерство со Јавната Установа „Центар за образование на возрасните“ под покровителство на Министерството за образование и наука на Република Македонија, а ќе биде финансиски поддржана од ДВВ Интернационал од Бон со средства на Сојузното Министерство за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија.
Во рамките на конференцијата заеднички ќе биде одбележана 20- годишнината од работата на ДВВ Интернационал во Република Македонија и придонесот што оваа организација го дава за развојот и унапредувањето на образованието на возрасните и младите во земјата.
Конференцијата „Градиме мостови во Образованието на возрасни 2017“, претставува еден од настаните со кој се одбележува и Годината на образование на возрасни во Европа.