Главна цел на програмата „Монтер и сервисер на фотоволтаични панели“ е учесникот да стекне знаења, вештини и компетенции за стручно давање на услуги за монтирање и инсталирање на фотоволтаични системи и колектори.
Учесникот во програмата ќе стекне вештини и знаења, односно ќе биде способен за:
- извршува задачи согласно со техничко-технолошка документација,
- монтира и инсталира фотоволтаични панели,
- избира, монтира, поврзува и вградува соодветни елементи/материјали на фотоволтаични системи,
- мери електрични големини (големина на еднонасочен и наизменичен напон, јачина на електрична струја, електрична моќност, електрична енергија, електрична отпорност, електрична капацитивност, електрична индуктивност, фреквенција на електрична енергија и др.),
- толкува резултати од извршени мерења,
- испитува, одржува и поправа фотоволтаични панели
- инсталира и тестира различни електрични кола за управување, сигнализација, регулација, мониторинг и др.,
- поврзува и шемира ормари потребни за функционирање на фотоволтаични системи врз база на изведбена шема,
- запазува редоследност на постапки при манипулации со опрема во процесот на вклучување и/или исклучување на елементи,
- поврзува, монтира и демонтира фотоелектрични, индуктивни, капацитивни сензори, сензори за притисок, гранични прекинувачи, енкодери и други видови сензори.
Начинот на реализација на програмата е преку практична и теоретска обука да им овозможи на учесниците да се стекнат со сертификат „Монтер и сервисер на фотоволтаични панели“.
Времетраењето на програмата е 200 часа од кои 60 часа теоретска обука, 140 часа се практична обука во реални работни услови.
Теоретскиот и практичниот дел од програмата ќе се изведува неколку пати неделно, со однапред договорена динамика со учесниците во програмата. Теоретската обука ќе се одвива во специјализирани простории во компанијата под менторство на обучувач, а практичната обука ќе се реализира на терен преку вежби и изработка на проектни задачи. За време на практичната обука на учесниците ќе им биде доделен ментор, вработен во компанијата.
Вреднувањето на постигнувањата на учесниците се спроведува по завршувањето на секој модул преку усна и писмена проверка, после целосна реализација на сите тематски целини преку проверка на знаење со цел споредба на знаењето, пред и после теоретската обука. По завршувањето на практичната обука следи и завршен испит преку кој ќе се проверуваат стекнатите вештини и компетенции.
По успешно завршена практична задача на крајот од обуката, учесниците се стекнуваат со сертификат за работна оспособеност „Монтер и сервисер на фотоволтаични панели“.