Врз основа на член 39 од Законот за образование на возрасните („Службен весник на Република Македонија” бр.7/08, 17/11, 51/11, 74/12,41/14, 144/14 и 146/15) и согласно Статуто на Управниот одбор на Центарот за образование на возрасните на седницата одржана на ден 25.02.2016 година, донесе

 

 

 

ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ НА СТАТУТ

НА ЦЕНТАРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА ВОЗРАСНИТЕ

  1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

 

Со Статутот на Центарот за образование на возрасните – Скопје (во понатамошен текст: Центарот) се уредува називот и седиштето, дејноста, внатрешната организација, управувањето и раководењето, финансирањето, јавноста во работењето и други прашања.

 

Член 2

 

Центарот за образование на возрасните – Скопје има својство на правно лице.

Центарот е јавна установа за образование на возрасните.

Дејноста што ја извршува е од јавен интерес.

Во прометот со трети лица одговара со сите свои средства со кои располага.

 

 

  1. НАЗИВ И СЕДИШТЕ

 

Член 3

 

Називот на Центарот е: Центар за образование на возрасните, со седиште во Скопје.

Скратен назив на Центарот е: „ЦОВ“.

Седиштето на Центарот е на ул. „Димитрие Чуповски” бр.13 во Скопје.

Називот на Центарот во меѓународен промет е „ADULT EDUCATION CENTRE“.

 

Член 4

 

Центарот има печат и штембил.

Печатот има кружен облик, во средината се наоѓа грбот на Република Македонија, а околу него во два концентрични круга на кирилица е напишано: во внатрешниот круг „Центар за образование на возрасните – Скопје“, а во надворешниот круг „Република Македонија“.

Штембилот има правоаголна форма со текст редоследно напишан:

„Република  Македонија“, „Центар за образование на возрасните – Скопје“, место за пишување, број, место за пишување дата и на крајот пишува Скопје.

Употребата и чувањето на печатот и штембилот се врши од страна на овластени лица на начин утврден со посебен акт донесен од директорот на Центарот.

 

 

III. ДЕЈНОСТ

 

Член 5

 

Во Центарот се усогласуваат и интегрираат јавните интереси и интересите на социјалните партнери во образованието на возрасните во Република Македонија.

Центарот ја координира соработката со меѓународните институции и организации во областа на образованието на возрасните и доживотното учење.

 

Член 6

 

Основната дејност на Центарот е да развие модерен и квалитетен систем на образование на возрасните (формално и неформално) во правец на вршење развојни, советодавни, истражувачки и стручни работи од областа на образованието на возрасните според Законот за образование на возрасните, а особено:

  • врши следење, анализа и развој на системот на образование на возрасните;
  • работи на унапредување на образованието и обуката на возрасните во соработка со установите и институциите за образование на возрасните;
  • дава поддршка на социјалното партнерство на сите нивоа и фази во планирањето, развојот и реализацијата на образованието на возрасните;
  • подготвува концепција за образованието на возрасните;
  • подготвува наставни планови и програми за основно, гимназиско и стручно образование на возрасните, издава каталог на донесени програми за образование на возрасните и го објавува на официјалната Интернет страница на Министерството, изготвува стандарди на занимања за програмите за образование на возрасните, врши верификација на програми за образование на возрасните, изготвува модел на јавноважечки програми за образование на возрасните;
  • во соработка со министерството надлежно за труд иницира потреби од изготвување на нови стручни квалификации по стандарди;
  • врши стручно-административни работи за прашања за кои одлучува Советот за образование на возрасните;
  • врши истражувања од областа на образование на возрасните;
  • врши советодавно-менторска работа на кадарот кој ги реализира програмите за образование на возрасните;
  • изготвува стандарди за опремата и просторните услови како и за соодветноста на кадарот на установите и институциите за образование на возрасните и го објавува на официјалната Интернет страница на Министерството;
  • дава мислење за исполнетоста на стандардите на установите и институциите кои бараат верификација за реализирање на јавно признатите програми за образование на возрасните;
  • издава каталог на верифицирани и лиценцирани установи и институции за образование на возрасните ;
  • организира стручно усовршување и обука на наставниците и обучувачите;
  • го поврзува образованието на возрасните во контекст на доживотното учење, а во согласност со стандардите и политиките на Европска Унија;
  • предлага мерки за развој и воведување на нови наставни технологии и нивна примена;
  • посредува во кариерниот развој и професионалната ориентација на учесниците во образованието на возрасните;
  • предлага решенија за подобрување на врските помеѓу формалното и неформалното образование;
  • доставува годишен извештај до Министерството и Советот за реализација на годишните акциони планови од стратегијата за развој на образованието на возрасните;
  • доставува годишен извештај до Министерството за објавени јавни конкурси за доделување на средства за реализација на програми за образование на возрасните;
  • соработува со Министерството за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за администрација, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Државниот завод за статистика, меѓународни институции и организации од областа на образование на возрасните, социјалните партнери и други;
  • врши и други работи утврдени со закон.

 

 

  1. ВНАТРЕШНА ОРГАНИЗАЦИЈА

 

Член 7

 

Внатрешната организација на Центарот, видовите и организационите облици, програмирањето и извршувањето на работите и работните задачи, називот и звањата на работните места, видот и степенот на стручната подготовка, описот на работите и другите услови потребни за вршење на работите во Центарот се уредува со актите за организација и систематизација на работните места на Центарот согласно закон.

 

 

  1. V. ВРАБОТЕНИ ВО ЦЕНТАРОТ

 

Член 8

 

Вработените во Центарот се со статус на јавни службеници.

Своите права и обврски кои произлегуваат од работниот однос вработените во Центарот ќе ги остваруваат согласно Законот за јавните службеници.

 

 

  1. VI. УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ

 

Член 9

 

Орган на управување во Центарот е Управниот одбор.

Управниот одбор е составен од единаесет члена, и тоа: два члена од Министерството за образование и наука, еден член од Министерството за труд и социјална политика, еден член од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија, еден член од Стопанската комора на Македонија, еден член од Сојузот на стопански комори на Македонија, еден член од Занаетчиска комора Скопје и четири члена од редот на јавните службеници вработени во Центарот.

При именувањето на членовите на Управниот одбор се применува начелото на соодветна и правична застапеност на заедниците во Република Македонија, имајќи ги предвид јазиците на кои се изведува наставата во основното и средното образование, без да се нарушат критериумите пропишани со Законот за образование на возрасните.

Мандатот на членовите на Управниот одбор трае четири години. Членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија.

 

Член 10

 

Мандатот на членовите на Управниот одбор почнува од конституирањето на Управниот одбор.

На конститутивната седница се врши верификација на мандатите на членовите на Управниот одбор и се избира претседател на Управниот одбор.

Управниот одбор од редот на своите членови може да определи и заменик претседател на Управниот одбор.

Конститутивната седница ја свикува и води највозрасниот член на Управниот одбор до изборот на претседател.

 

Член 11

 

Мандатот на членот на Управниот одбор може да престане и пред истекот на времето од четири години:

  • на негово барање;
  • со отповикување;
  • ако настане трајна или привремена неспособност за непречено вршење на функцијата подолго од шест месеци непрекинато или смрт;
  • ако му престане статусот вработен во институцијата од која е избран.

Членот на Управниот одбор може да биде отповикан ако:

  • неоправдано отсуствувал на три седници во континуитет;
  • ако е осуден за извршено кривично дело со правосилна судска пресуда со која е изречена казна затвор во траење од најмалку шест месеци;
  • е на издржување казна подолга од шест месеци;

 

Член 12

 

Управниот одбор на Центарот ги врши следните работи:

  • донесува Статут;
  • донесува општи акти;
  • донесува акти за организација на работа и акти за систематизација на работни места во Центарот на предлог на директорот;
  • донесува деловник за својата работа;
  • ја усвојува годишна програма за работа на Центарот и го усвојува извештајот за работа;
  • распишува јавен оглас за именување директор на Центарот врши интервју со пријавените кандидати за директор на Центарот;
  • врши избор  и разрешување на директор на Центарот;
  • предлага годишен финансиски план и завршна сметка до Владата на Република Македонија;
  • ја утврдува завршната сметка;
  • одлучува по приговорите и жалбите на вработените во Центарот;
  • дава согласност за формирање на работните тела и комисии и за ангажирање на надворешни соработници кои повлекуваат финансиски импликации, на предлог на директорот на Центарот ;
  • дава согласност за службени патување во странство, доколку од институцијата патуваат повеќе од тројца вработени.
  • врши и други работи утврдени со закон, со овој Статут и други акти на Центарот.

 

Член 13

 

Управниот одбор одлуките ги донесува на седници.

Седниците на Управниот одбор ги свикува и со нив раководи претседателот, а во негово отсуство заменикот на претседателот.

Претседателот на Управниот одбор може да свика седница и по предлог на директорот на Центарот или по предлог на една третина од членовите на Управниот одбор.

Управниот одбор може полноважно да работи доколку на седницата се присутни повеќе од половина од вкупниот број на членови.

Одлуката се смета за донесена доколку за неа гласале повеќе од половината присутни членови на Управниот одбор.

За усвојување на Статутот, годишната програма за работа, финансискиот план, изборот и разрешувањето на директорот на Центарот, Управниот одбор одлучува со апсолутно мнозинство.

Работата на Управниот одбор поблиску се уредува со деловникот за работа на Управниот одбор.

 

Член 14

 

Орган на раководење на Центарот е директорот кој е одговорен за законитоста на неговата работа.

За директор на Центарот може да биде именувано лице кое што ги исполнува условите утврдени со закон.

Мандатот на директорот трае четири години со право на уште еден избор.

 

Член 15

 

Центарот е застапуван од директорот.

Во случај на отсуство на директорот, Центарот е застапуван од лице овластено од директорот.

 

Член 16

 

Директорот, во рамките на своите надлежности, може да овласти друго лице за преземање на определени правни и други дејствија.

 

Член 17

 

Јавниот оглас за именување директор на Центарот го распишува Управниот одбор најдоцна три месеци пред истекот на времето за кое е именуван.

Јавниот оглас се објавува во најмалку два дневни печатени гласила и трае осум дена од денот на објавувањето.

 

Член 18

 

Јавниот оглас го спроведува комисија составена од три члена, која ја избира Управниот одбор на Центарот од редот на своите членови.

Комисијата е должна во рок од пет дена од денот на завршувањето на јавниот оглас, на Управниот одбор да му поднесе листа со образложение за кандидатите кои ги исполнуваат условите од огласот.

Управниот одбор во рок од осум дена по приемот на листата го врши изборот на директор.

Ако на јавниот оглас за именување директор не се пријават кандидати или се пријават кандидати кои не ги исполнуваат условите или по спроведената постапка за именување на директор не биде именуван директор, се распишува нов јавен оглас.

 

Член 19

 

Доколку од било кои причини не е именуван директор на Центарот, Управниот одбор именува вршител на должноста директор на Центарот.

Вршителот на должноста директор на Центарот ги има сите права и обврски на директор и може да се именува за шест месеци, со право на уште еден мандат.

 

Член 20

 

Директорот ја организира и раководи со работата на Центарот, самостојно донесува одлуки, го застапува Центарот пред трети лица и е одговорен за законитоста во работата на Центарот.

Во остварувањето на обврските и раководењето од ставот 1 на овој член, директорот:

  • непосредно раководи  со работењето на Центарот;
  • ја предлага годишната програма за работа на Центарот и превзема мерки за нејзиното спроведување;
  • го предлага годишниот финансиски план на Центарот;
  • ги извршува одлуките  на Управниот одбор;
  • изготвува акти за организација и систематизација на работните места на Центарот, и ги предлага на Управниот одбор;
  • одлучува за потребата од засновање работен однос во Центарот согласно закон ;
  • донесува одлуки за засновање и за престанок на работниот однос на вработените во Центарот согласно закон ;
  • одлучува за распоредување на вработените во Центарот согласно потребите и во согласност со актот за систематизација на работни места и согласно закон ;
  • склучува договори, потпишува решенија, налози и други акти согласно закон, други прописи  и акти;
  • одлучува за правата и обврските на вработените во Центарот согласно закон ;
  • претседава и раководи со седниците на стручниот колегиум;
  • ја координира работата на раководителите;
  • одлучува за набавките и користењето на основните средства согласно финансискиот план на Центарот;
  • поднесува извештај за реализација на годишната програма и за материјално – финансиското работење на Центарот до Управниот одбор и до министерството надлежно за работите од областа на образованието;
  • врши и други работи утврдени со закон и со овој  Статут.

Во врска со извршувањето на работите од став 2 на овој член директорот донесува правилници, наредби, упатства и решенија.

 

Член 21

 

Директорот на Центарот може да формира работни тела и комисии и да ангажира надворешни соработници.

За работните тела и комисии од став 1 на овој член и за ангажирање на надворешни соработници кои повлекуваат финансиски импликации согласност дава Управниот одбор.

 

Член 22

 

Директорот на Центарот може да биде разрешен пред истекот на мандатот ако:

  • тоа сам го побара;
  • во случај на спреченост на вршењето на функцијата поради болест, во траење подолго од шест месеци непрекинато;
  • се утврдат сериозни неправилности во неговото материјално – финансиско работење, поради што е нанесена штета на Центарот;
  • работи спротивно на одредбите на законот и Статутот на Центарот.

Директорот на Центарот кој не е повторно именуван по оглас или е разрешен се распоредува на работно место соодветно на неговата стручна подготовка.

 

 

VII. СТРУЧЕН  КОЛЕГИУМ

 

Член 23

 

Центарот има стручен колегиум кој го сочинуваат:

  • директорот и
  • раководителите на секторите.

Во работата на стручниот колегиум може да учествуваат и други лица од Центарот или надворешни лица за кои директорот ќе оцени дека има потреба.

 

Член 24

 

Стручниот колегиум ги врши следните работи:

  • утврдува основи на програмата за работа и развој на Центарот;
  • му дава мислење и предлози на директорот во поглед на организацијата на работа, условите за работа и развој на дејноста на Центарот;
  • дава предлог за именување и отповикување на членови на Управен одбор од редот на вработените во Центарот;
  • врши и други работи од интерес на Центарот;

Стручниот колегиум работи на седници кои ги свикува директорот.

 

 

VIII. ФИНАНСИРАЊЕ НА РАБОТАТА НА ЦЕНТАРОТ

 

Член 25

 

Средствата за остварување на дејноста на Центарот се остваруваат од Буџетот на Република Македонија.

Центарот може да стекнува сопствени приходи и од:

  • извршени услуги кои се резултат на вршење на основната дејност;
  • донации;
  • легати, подароци, завештанија и
  • други извори

Средствата од став 1 и став 2 од овој член ќе се користат според посебно утврден план на Центарот.

 

 

  1. IX. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА

 

Член 26

 

Работата на Центарот е јавна.

Центарот ја информира јавноста за извршувањето на својата дејност:

  • преку средствата за јавно информирање;
  • одржување и ажурирање на својата веб страна;
  • одржување на стручни собири и советувања;
  • издавање публикации;
  • друг соодветен начин.

Податоците и информациите за работата на Центарот ги дава директорот или лице овластено за тоа.

За работата на Центарот и органите на управување, вработените се информираат преку огласна табла.

Информирањето го врши директорот и претседателот на Управниот одбор преку одлуки, решенија, извештаи и информации.

За вистинитоста на информациите одговара органот кој истата ја објавил.

 

 

  1. КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ

 

Член 27

 

Заради заштита на интересите на Центарот и пошироката заедница, во Центарот се превземаат мерки за чување, ракување и соопштување  на податоците согласно прописите за класифицирани информации.

 

Член 28

 

Податоците и документите што претставуваат класифицирани информации се заведуваат во посебен деловоден протокол и како такви се архивираат.

 

 

 

  1. XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 29

 

Одделни прашања што се уредени со овој Статут, може поблиску да се уредат со правилници, одлуки, упатства, решенија и други акти.

 

Член 30

 

Измени и дополнувања на Статутот се вршат по постапка како за неговото донесување.

 

Член 31

 

Со денот на влегувањето во сила на овој Статут престанува да важи Статутот на Центарот за образование на возрасните бр.                    година.

 

Член 32

 

Овој Статут влегува во сила со денот на  добивањето на согласност од Министерството надлежно за работите од областа на образованието.

 

 

  ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УПРАВЕН ОДБОР

 

Снежана Денковска