КОНТРОЛОР НА ПРОИЗВОДСТВЕН ПРОЦЕС СОГЛАСНО ПОТРЕБИТЕ НА LEAN INDUSTRY 4.0

Понудувачи на услуги

ОПИС НА ПРОГРАМА

Цели на програмата

Програмата треба да ги исполни следните цели:

  • Обезбедување на контролори на производен процес кои се обучени да се справат со сите предизвици на модерното производство во различни индустриски гранки
  • Отворање на можност за преквалификација на профили кои имаат проблем со вработувањето
  • Зголемување на атрактивноста на македонската економија како дестинација на идните директни странски инвестиции преку обезбедување соодветно квалификуван кадар

Објаснување на програмата

Контролорите на производствениот процес, како врска помеѓу извршителите и средниот менаџмент претставуваат исклучително важен сегмент во структурата на претпријатијата. Ако на ова се додаде и напливот на нови производни пристапи во последните децении (Lean Management, 6 Sigma, TQM и сл.), како и растечката потреба од разбирање и имплементација на дигитализацијата во секојдневното работење, станува јасно дека предизвиците пред ваквиот профил се и ќе бидат сѐ поголеми и поголеми. Оттаму и потребата од осовременување на образованието на овој профил. Во таа насока, на Машинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје се прават постојани напори во правец на одржување на чекорот со светските трендови во Индустриското инженерство и менаџмент, чија потесна област е и обуката која е тема на оваа пријава. Само како пример, во тек е проектот „ Learning Factory for Improving Digital Competitiveness and Industry 4.0 Readiness of SMEs in Balkans “ (финансиран од EIT Manufacturing – Horizon Europa), чија основна цел е да го креира првиот концентричен круг од т.н. Фабрика за учење (Learning Factory) и да генерира иницијални обуки поврзани со дигитализацијата и Индустријата 4.0 (I4.0). Веќе е аплициран и друг проект како продолжеток на успешната приказна, заедно со регионални партнери за креирање на нови обуки. Опремата предвидена во оваа пријава треба да биде следната надградба на Фабриката за учење и целокупната опрема ќе биде ставена во служба на предложените обуки во оваа апликација. Со ваквата современа опрема и со практичниот дел поминат во компаниите, кандидатите кои ќе ја завршат обуката ќе бидат целосно подготвени за да се фатат во костец со предизвиците кои ги носи ваквото работно место, но и идните потреби.

На тој начин, ќе се дооформи еден концепт за Фабрика за учење кој може да биде центар за регионална атрактивна (до)обука и преквалификација на широк спектар на кадри потребни за македонската индустрија, што може да биде сериозна придобивка од овој предлог-проект.

Предлог-програмата се состои од 3 модули, со времетраење од 6 месеци. Тоа значи дека вкупното времетраење на предлог програмата е една календарска година. Структурата на предлог-програмата е направена по примерот на кооперативните обуки и е дадена на слика 1.

План на програмата
Бр. Модули Број на часови теоретска настава Број на часови практична настава
1 Модул 1: Основи на производство 30 36
2 Модул 2: Управување на производство 30 36
3 Модул 3: Симулација на управување на производствен процес 20 200
Вкупно часови 80 272
Вкупно (вкупно часови теоретска и практична настава) 352

 

Слика 1: Структура на предлог-програмата

Од сликата може да се види дека секој модул ќе се реализира со 3 генерални пристапи:

  • Теоретска настава
  • Практична работа во лабораторија
  • Практична работа во компанијата

Секој од модулите на сликата 1 ќе има назначено одговорен на модулот. Неговите задачи се поврзани со непречено спроведување на сите предвидени активности (подготовка, спроведување на обуката, реализација на проверките/испитите и други активности, како што се пишување извештаи до одговорниот на програмата и сл.). Програмата ќе има и одговорен за програмата, кој ќе има одговорности поврзани со целокупното успешно спроведување на програмата, особено во делот на координација на (одговорните за) модулите, креирање на годишен распоред на програмата, анализа на спроведување на програмата и правење планови за нејзин развој и сл.

Споменатиот годишен распоред на програмата треба да ја обезбеди расположливоста на компаниите во планираниот временски период. Таа исто така треба да им биде од помош и на слушателите во насока на планирање на нивните активности. Во контекст на истата, планирано е неделните обврски (во периодот кога има обуки) да бидат сведени на предавања во два дена, со 4 часа. Во однос на обуката во компаниите, како што е прикажано на сликата 1, таа ќе изнесува и 45% од вкупното времетраење на обуката. Со цел програмата да биде достапна на поголема целна група, практичниот дел во компаниите ќе биде реализиран во концентрирани пракси со времетраење од 15-30 денови во летниот период.

По завршувањето на секој од модулите ќе се спроведе проверка на знаењето, чија цел е проверка на можностите на кандидатот да прогресира во следниот модул. Овие проверки ќе ги спроведува одговорниот на модулот. Исто така, и по завршување на целиот модул ќе се спроведе целосна проверка. Нејзе ќе ја спроведува трочлена комисија во која ќе членуваат одговорните од образовната установа, а барем еден од нив ќе биде вработен во компаниите кои се дел од оваа предлог-програма.

Успешното положување на овие испити е предуслов за стекнување на „Сертификат за контролор на производствен процес согласно потребите на Lean Industry 4.0 “, според Законот за образование на возрасни.

 

 

Релевантноста на програмата за потребите на пазарот на трудот

Во оваа прилика, накусо ќе се фокусираме на главните предизвици кои беа мотиватори за креирање на образовната програма во оваа пријава и на чија основа беа креирани веќе наведените цели.

  • Извонредна важност на профилот и голема потреба од него

На оваа тема веќе беше доволно кажано во воведниот параграф на делот „Објаснување на програмата“. Дополнително на ова може да се споменат уште две работи:

  • Правата, е што се надополнуваме на анализи кои се дел од процесот на паметната специјализација на државата, каде носител на подготовка на Стратегијата за паметна специјализација е Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за економија, а под покровителство на Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Подготовката на стратегијата интензивно ја поддржуваат Светска Банка, GIZ и ИМЕ програмата финaнсирана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Во спроведувањето на стратегијата учествуваат Фондот за Иновации и технолошки развој, Развојна банка и други релевантни институции. Обучувачите се дел од работната група за Приоритетна област: Електрична опрема и машински делови – Индустрија 4.0, каде учествуваат 71 претставник од индустријата, академијата, владини институции, комори и меѓународни организации/банки, преку анализа (направена 2022 година) е заклучено дека „Недостаток на соодветен кадар – неадаптираност на образованиот систем за нови технологии“ и „Слабо мотивирани и слабо продуктивни вработени“ се едни од клучните недостатоци. Оваа предложена обука директно би влијаела на намалување на овие недостатоци. Како дополнителни можности од анализата се наведуваат „Поголемо вложување во кадар“ и „Имплементација на MES (Manufacturing Execution Systems)“, меѓу другите предлози, а се директно поврзани со предложената обука.
  • Втората, е дека во истражувањето на фокус група од индустријата за потребите на проектот Learn4SMEs направена во 2022 година, областите Lean Industry 4.0, Industry 4.0 во планирањето и управувањето на производството, се рангирани како многу важни аспекти каде треба да се зголемат обуките во претпријатието, а истите делумно се поклопуваат со модулите предвидени во програмата.

Во сите овие активности, предлагачите на обуката се активно инволвирани, ги следат новите трендови на интернационално ниво, поврзани се со партнери кои имаат големо искуство и учествуваат со подобрување на постоечката состојба, на ниво на држава.

  • Непостоење на соодветно образование за ваков профил

Наспроти гореспоменатата негова важност, во моментов, македонскиот образовен систем не нуди специјализирани обуки за ваков профил. Искуствата од практиката велат дека на тие позиции најчесто доаѓаат извршители со поголемо искуство, честопати и со несоодветно претходно образование. Таквата практика, има редица недостатоци, но најзначајната е функционирање надвор од оптималното во дадените околности. Имено, правилната имплементацијата на гореспоменатите пристапи (Lean менаџмент, TQM, …), изискува соодветни предзнаења за кои е потребно повеќе од искуство и куси интерни обуки.

Според Државниот завод за статистика (Статистички преглед: Население и социјални статистики  – АНКЕТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА ВОЗРАСНИ ЛИЦА, 2016 – Т06), вработените со занимањата „Ракувачи и составувачи на машини и постројки“ и „Техничари и сродни работници“, како сродни занимања на профилот кој се третира во предлог-програмава, учествувале со помалку од 10% и 30%, соодветно, во некои форми на образование и доживотно учење во 2016 година (како последна година за која е обезбеден ваков податок). Една од доминантните причини за ваквата состојба може да биде и фактичкиот недостаток на соодветни обуки.

  • Недостиг на работна сила (контролори на производен процес)

Намалениот број на завршени средношколци, заедно со зголемениот интерес за студирање, оставаат голема празнина при пополнување на потребите за еден ваков профил. Од друга страна, растот на претпријатијата и доаѓањето на нови странски инвеститори, со голем обрт на производство, го прави ваквиот профил уште побаран.

 

  • Можност за преквалификација

Во услови кога македонската економија се обидува да привлече странски инвеститори (кај кои патем, интензивно се применуваат пристапите кои беа претходно споменати – Lean Management, TQM, итн.), образовниот систем не ги следи нивните реални потреби за работна сила. Оваа пријава треба да го премости овој јаз (барем во еден мал, но важен дел). Обуката е внимателно дизајнирана за да може да прифати ученици од средните училишта без посебни предзнаења во однос на областите кои се предмет на изучување во соодветните модули. Дополнително, и да овозможи преквалификација на оние кои завршиле несоодветно високо образование, а сакаат да бидат вклучени во производствени процеси.

  • Широк спектар на вработливост

Ваквиот профил има универзален карактер и не зависи ниту од индустријата, ниту од производот, ниту од големината на организацијата. Имено, сите производни организации (тргнувајќи од прехранбената, па сѐ до преработувачката)  имаат потреба за еден ваков профил. Исто така, и покрај заблудата дека ваквиот профил е потребен само кај големите организации, во реалноста, кај малите, а особено кај средните претпријатија, обврските кои кај големите претпријатија се во надлежност на средниот менаџмент (на пример, планирање и управување на производството), паѓаат на грбот на контролорите на производствениот процес, со што тие стануваат многу важен фактор за успешна реализација на производството. За ова зборува и фактот што иницијативата за  образование за ваков профил покренаа компании кои се прилично различни и во својата големина и во однос на нивните производи и производни процеси.

Целни групи

Од сѐ што е претходно наведено, можат да се дефинираат следните целните групи на оваа предлог-програма:

  • Завршени средношколци од сите профили кои сакаат да си ги зголемат своите шанси за вработување
  • Студенти на техничките факултети кои имаат интерес да се здобијат со поголеми практични знаења во еден диверзифициран сет на области (планирањето и управувањето на производството, Lean менаџмент, симулациии, дигитализација и I4.0, системите за менаџмент на квалитет, итн.)
  • Дипломирани студенти (и од општествените науки) кои сакаат да ја зголемат својата вработливост
  • Вработени во компаниите кои моментално се на позиција извршител, а сакаат да напредуваат во контролор на производствен процес

Контролори на процес кои сакаат да ги унапредат своите постоечки знаења

Верификацијата истекува во мај 12, 2025

РЕЗУЛТАТИ ОД ПРОГРАМА

КРИТЕРИУМИ ЗА ВЛЕЗ ВО ПРОГРАМАТА

Завршено четиригодишно средно образование

ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА

Времетраење на програма

Теорија

Вкупен број на часови

80

Пракса

272

Оценување

0

Вкупен број на часови

352

Датум на верификација

12/05/2022

Скопје

ЛОГИРАЈ СЕ

Skip to content