Главна цел на програмата е учесниците преку теоретска обука и практична работа да се стекнат со знаења, вештини и компетенции кои ќе им помогнат по завршување на обуката самостојно да ги извршуваат работните задачи за МАНИКИР/ПЕДИКИР. Учесниците во обуката најпрвин ќе се запознаат со алатките/приборот кој се користи при извршување на работата маникир, надградба на нокти, односно педикир, како и со начините на нивна правилна стерилизација, со што би се избегнало ширење и пренесување на инфекции помеѓу клиентите.
Учесниците ќе се оспособат за вршење на работните задачи како што се масажа на дланка/ стапалои и процес на нанесување на пилинг што е основа на маникирот, односно педикирот во козметичките салони. Исто така ќе научат како се третираат заноктици, враснати нокти на стапала и различни видови на жуљеви. Учесниците ќе се стекнат и со знаења за правилна нега на кожа на раце, односно стапала како и за примена на француски маникир. Ќе се обучат и како правилно да сечат, турпијаат, обликуваат и полираат нокти, односно како се изведува надградба на нокти со помош на типсови и вештачки нокти. Во текот на обуката ќе бидат обучени и за надградба со акрил, односно гел, и редоследот по кој се нанесуваат трите видови на гел. Ќе се запознаат и со начините на правилно турпијање при надградба на нокти, како се врши корекција на вештачки нокти и како правилно се одстрануваат типсови и надградби, односно како потоа се негува ноктот.
Програмата ќе се реализира преку задолжителни и изборни модули.
Задолжителни модули :
- ПРОСТОР И ОПРЕМА – 20 часа
- ДЕЛОВНА КОМУНИКАЦИЈА И БОНТОН – 7 часа
- ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА – 5 часа
Вкупновреметраење на задолжителните модули е 32 часа, од кои 21 часа теорија и 11 часа вежби.
По завршување на задолжителните модули учесниците може да се одлучат за следните изборни модули:
- МАНИКИР – 97часа, од кои 17 часа теорија и 80 часа пракса
- ПЕДИКИР – 25 часа, од кои 5 часа теорија и 20 часа пракса
Доколку кандидатот по завршување на задолжителните модули го избере модулот МАНИКИР истиот се стекнува со сертификат за МАНИКИР. Доколку кандидатот се одлучи за изборниот модул ПЕДИКИР, истиот се стекнува со сертификат за ПЕДИКИР. Кандидатите може да ги посетуваат и двата изборни модули и во тој случај ќе се стекнат со сертификат за МАНИКИР И ПЕДИКИР.
Практичниот дел од обуката ќе се реализира во козметички салони или соодветно опремени училници/кабинети.
Вреднувањето на постигнувањата на учесниците се спроведува по завршувањето на теоретскиот дел преку проверка на знаење а по завршувањето на практичната обука следи завршен испит преку кој ќе се дефинираат стекнатите вештини и компетенции. Програмата ќе се изведува неколку пати неделно во договор со учесниците на програмата.