Обуките за обучувачи на советниците за ВНИУ се одржаа во две фази. Првите 5 дена од обуката беа одржани од 13-ти до 17-ти мај, а вториот дел се одржа од 27-ми до 30-ти мај во Скопје во хотел Александар Палас. Обуките ги одржува експертот за валидација Анни Куртунен од Финска.

Обуката за советници е продолжение на низата обуки кои се одржаа во изминативе две години, а со цел подготовка на кадар кој би бил вклучен во имплементацијата на овој процес. Улогата на идните советници ќе биде воведување и водење на кандидатите низ првите две фази од Валидацијата – идентификација и документација, како две од 4-те фази на процесот. Со оглед на клучната важност на советникот за успешно воведување на кандидатот во процесот, негово успешно насочување и поддршка, идните советници поминаа 9-дневна програма за обука, преку која се здоби со информации и знаења за Валидацијата како систем и со практични вештини и компетенции за информирање, воведување и документирање на докази за знаењата на кандидатот, како и за негова подготовка за проценка на неговите знаења и вештини.

Валидацијата на неформалното и информалното учење, има за цел да им овозможи на индивидуите препознавање и признавање на нивните знаења, вештини и компетенции кои ги стекнале по неформален и информален пат. На тој начин секој граѓанин, кој што поседува одредени практични вештини, компетенции и искуство, стекнати преку неформално образование или информално во секојдневниот живот, а за кои нема сертификат, е потенцијален кандидат за валидација. Овој систем ќе му овозможи преку документирање и проценка на неговите знаења и вештини да се здобие со делумна или целосна стручна квалификација. На воспоставување на овој систем во нашата земја активно се работи од 2014-та година па наваму, а истиот треба да стапи на сила во 2020 година. Сите чекори, мерки и активности кои се преземаат во овој контекст, даваат придонес кон креирање предуслови за успешно воведување и одржливо спроведување на систем за Валидација на неформално и информално учење во Република Северна Македонија.

Оваа обука е една од активностите на проектот Работен план на националниот координатор за учење на возрасните кој е имплементиран од страна на јавната установа Центар за образование на возрасни и е финансиски подржан од ЕРАЗМУС + програмата на Европска Унија. После 2 години успешно времетраење истиот завршува во декември 2019 година.

Главната цел на проектот е да се поддржи воспоставувањето на националниот систем на валидација на неформалното и информалното учење (ВНИУ), обрнувајќи внимание на фазите на идентификација и документација. За постигнување на целта на проектот беа спроведени различни активности за развивање на стандарди, портфолио за кандидати, како и програма и материјали за учење на обучувачите за советници за ВНИУ