Во рамки на овогодинешната манифестација Денови на доживотно учење на 13-ти октомври во Кичево се одржа трибина на тема: „Можностите за образование на возрасни – Доживотното учење во општеството“. Организатор на овој настан беше Центарот за развој на заедницата од Кичево со финансиска поддршка од DVV Intеrnational од Бон, СР Германија. Целта на трибината беше запознавање со можностите за доживотно учење во општина Кичево, запознавање со улогата и придонесот на институциите, надлежни за имплементација на политиките за градење и развој на системот за образование на возрасни во нашата земја.
Значајно беше присуството на Министерот за образование и наука, г-дин Пиштар Љутфиу, како покровител на кампањата. Во неговото обраќање тој истакна дека Владата се стреми кон јакнење на системот за образование на возрасни и развивање на национална стратегија за доживотно учење.
Како дел од оваа трибина Јавната установа Центар за образование на возрасните ја презентираа нивната улога и надлежностите, како и процесот на верификација на програми и институции за образование на возрасни.
Центарот за доживотно учење на присутните ја презентираше улогата во развојот на образованието на возрасните во Република Македонија и промоцијата на доживотното учење.
Присутните од општина Кичево имаа можност да добијат јасна слика за состојбата на образовната политика со акцент на доживотното учење. Оттаму се разви голема дискусија, со размена на информации и интеракција помеѓу присутните и надлежните институции за образование на возрасни.
Овој настан предизвика голем интерес кај пошироката јавност и медиумите.

Напишете коментар