За Центарот за образование на возрасни

Ј.У. Центарот за образование на возрасните – Скопје е јавна установа за образование на возрасните во Република Македонија, која како посебно правно лице е основана од Владата на Република Македонија во ноември 2008 година.

Мисијата на Центарот е да промовира систем на образование на возрасните кој ќе биде функционален, модерен и во согласност со стандардите на Европската Унија, систем кој ќе обезбеди висок квалитет на учење и можности за стекнување на квалификации во согласност со потребите на населението, ќе ја зголеми вработливоста и ќе го развие претприемништвото, ќе ги задоволи потребите на пазарот на трудот и ќе придонесе во економскиот, општествениот и личниот развој.

Главни цели на Центарот се да придонесе во реализацијата на социо-економските потреби на Македонија, да одговори на потребите на пазарот на трудот и да им помогне на индивидуите во нивниот личен развој.

Главни задачи на Центарот се:

Да ги хармонизира и интегрира јавните интереси и интересите на социјалните партнери во образованието на возрасните во Република Македонија. Центарот ја координира соработката со меѓународните институции и организации во областа на образованието на возрасните.

Да обезбеди квалитетен систем на образование на возрасните во согласност со европските стандарди и практики преку воспоставување на стандарди и критериуми кои ќе обезбедат квалитетно формално и неформално образование на возрасните и создавање на квалитетна и конкурентна работна сила на пазарот на трудот со поддршка на социјалното партнерство.